ЗАПАДЕН ХОЛИВУД БАРА ДА СЕ ОТСТРАНИ ЅВЕЗДАТА НА ТРАМП ОД ПАТЕКАТА НА СЛАВНИТЕ

Лос Анџелес, (Дојче веле)

Градскиот совет на Западен Холивуд изгласа одлука да се отстрани ѕвездата на американскиот претседател Доналд Трамп од познатата Патека на славните. Но, тоа не зависи целосно од нив.

Западен Холивуд ги повика советот на Лос Анџелес и Стопанската комора на Холивуд да ја тргнат ѕвездата на Трамп „поради вознемирувачкиот третман на жените и сите други негови активности што не ги одразуваат заедничките вредности на Западен Холивуд, регионот, државата и земјата”.

Трамп ја доби својата ѕвезда во 2007 година за својата работа како продуцент на изборот за Мис Универзум и популарното реално шоу „Приправник“.

Одлуката за отстранување на ѕвездата на Трамп лежи во рацете на Холивудската стопанска комора, која е одговорна за Булеварот на славните.

Ѕвездата на Трамп беше вандализирана во повеќе наврати, последен пат на крајот на минатиот месец, кога беше искршена со копач.

Ова не е прв случај граѓаните да побараат да се тргне ѕвезда од Булеварот, кој се протега 15 блока. По реакциите да се отстрани ѕвездата на комичарот Бил Козби поради обвинувањата за сексуален напад, Комората објави дека кога еднаш ќе се стави, ѕвездата останува.

„Холивудската патека на славните е регистрирано историско обележје. Откако ѕвездата е додадена на Патеката, таа се смета за дел од историскиот материјал на Холивуд. Поради ова, никогаш не сме извадиле ѕвезда“, рекоа од Комората.