ФАЛА МИЛЧО ШТО БЕВ ДЕЛ ОД ТВОЈОТ СОН, РЕЧЕ ШЕРБЕЏИЈА НА 25-ГОДИШНИНАТА ОД „ПРЕД ДОЖДОТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со промоција на мапа со репродукции на постерите од светската дистрибуција на „Пред дождот“ и средба на режисерот Милчо Манчевски со дел од актерската екипа на чело со легендарниот Раде Шербеџија, Кинотеката синоќа свечено ја одбележа 25-годишнината од премиерата на најуспешниот филм во македонската кинематографија. Со ова и со синоќешната проекција на филмот се заокружува одбележувањето на јубилејот на филмскиот класик што е и најуспешниот културен производ од Македонија, рече директорот Владимир Ангелов.

На промоцијата присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска. (Фото: СМАРТСДК.МК)

По четврт век од премиерата, во Кинотеката се сретнаа Раде Шербеџија, кој го игра главниот лик во филмот, и актерите Петар Мирчевски, Мето Јовановски, Александар Микиќ, Нино Леви, Сузана Киранџиска и композиторот Златко Ориѓански кој со тогашната група „Анастасија“ беа автори на музиката. На промоцијата присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска.

Мапата содржи репродукции на постерите за „Пред дождот“ од 30-на земји и е издание на Кинотеката, кое ќе биде достапно во нејзината книжарница, а за неа зборуваше филмската критичарка Марина Костова која соработуваше на овој проект. (Фото: К. Попов)

Мапата содржи репродукции на постерите за „Пред дождот“ од 30-на земји и е издание на Кинотеката, кое ќе биде достапно во нејзината книжарница.  За мапата зборуваше филмската критичарка Марина Костова која соработуваше на овој проект на Кинотеката. Таа е авторка на книгата „Дожд – светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“ и на монографијата „Манчевски“. Костова зборуваше за речиси 10-годишниот процес на архивирање на одгласите во светскиот печат за „Пред дождот“ што следеа по освојувањето на Златниот лав во 1994, кога филмот играше во кината на 60-на земји и на уште толку фестивали во светот проследено со илјадници текстови и објави во медиумите.

Кинотеката на Манчевски му подари значка филмска камера. (Фото: К. Попов)

„Од оваа перспектива, тоа беше повеќе од архивирање и документирање на успехот на еден филм. Тоа прерасна во архивирање и документирање на етаблирањето на една млада земја на светската мапа, проследено со громогласниот аплауз што ‘Пред дождот’ го доби во светот“, рече Костова.

Шербеџија рече дека во тоа време „Пред дождот“ за него беше спас.

„Јас тогаш живеев во Лондон и кога се запознавме, после кастингот кога ја добив улогата, Милчо ми рече дека ја пишувал баш за мене. Го прашав како за мене кога не ме ни познава. Ми рече дека уште од дете ги гледал сите мои филмови и дека Живојин Павловиќ е неговиот најомилен режисер. Таа интима, тоа што го има во неговите филмови е таму оти тој ги создавал тие дела уште од дете, тоа го прави голем автор. И сите тие големи режисери и глумци, од Стенли Кјубрик до другите големи со кои после работев, сите ми имаат кажано дека ‘Пред дождот’ е еден од најдобрите филмови што го виделе. Сакам да му кажам фала на Милчо што бев дел од неговиот сон“.

Манчевски раскажа анегдота кога по премиерата на фестивалот во Венеција во 1994 организаторот му кажал да биде во близина оти можеби ќе треба да се врати. Тој заминал за Лондон.

„Едно утро ми се јави една жена од фестивалот и ми рече дека треба да се вратам во Венеција зашто ќе добијам награда. Ја прашав – добра? Ми рече – мислам дека ќе ти се допадне. Ме праша под кое име ќе дојдеш во Венеција, оти не може под твоето за да не дознаат новинарите дека си тука и да објават пред фестивалот дека си добил награда. Ми текна на името Васко, по еден братучед кој неодамна беше починал. А презиме – ме праша таа. Е не знам презиме, ѝ реков. Ме праша може ли Гонзалга. Ѝ реков може. И така кога дојдов во Венеција на аеродромот ме чекаше човек со табла на која пишуваше Васко Гонзалга. До почетокот на церемонијата за награди не знаев дека сум добил Златен лав. Тоа е една приказна за името и идентитетите“, рече Манчевски.

Манчевски и екипата потпишаа постер од „Пред дождот“ за , како што се пошегува Ангелов, „да го продаваме на Ибеј“. (Фото: К. Попов)

Одбележувањето на 25-годишниот јубилеј на „Пред дождот“ почна вчера на пладне во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде говореа претседателот академик Таки Фити, директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, видеообраќање од САД имаше и угледниот американски лингвист и славист проф. д-р Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ, долгогодишен пријател на режисерот, а реферати за „Пред дождот“ имаа и дописниот член на МАНУ проф. д-р Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во филмскиот опус на Милчо Манчевски“ и проф. д-р Славица Србиновска, на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.