АКО КОПАШ ДУПКА ОД МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ УДАВИШ ВО ТИХИОТ ОКЕАН, ВЕБ АПЛИКАЦИЈА ЗА ПРОНАОЃАЊЕ АНТИПОД

(ДПА)

Ако некогаш сте се прашувале каде би завршиле во светот ако можете да ископате тунел право низ центарот на Земјата, одговорот го дава веб страницата antipodesmap.com. Апликацијата од оваа веб страна може да ви го покаже вистинското место на копно или на море, кое е дијаметрално спротивно на местото каде вие се наоѓате во моментов, или да ви го каже вашиот антипод.

Посетителите на интернет страницата треба само да стават локација на која се наоѓаат, а програмата ќе ги пресмета координатите на антиподот на другиот крај од Земјата.

Ако на апликацијата се внесе Скопје, по пресметката на координатите покажува дека ако некој во главниот град на Македонија почне да копа по права линија низ центарот на Земјата ќе се најде во водите на Тихиот Океан кај Нов Зеланд.

Антипод е кое било место на Земјата кое е дијаметрално спротивно на друга точка на земјината површина. Две места кои се антиподи едно на друго се поврзани со права линија која оди низ центарот на Земјата.

Креаторите на интернет страницата велат дека со оваа апликација луѓето можат да научат малку географија на забавен и едноставен начин.

„Повеќето жители на Европа и Америка веруваат дека ако ископаат дупка во права линија низ центарот на Земјата, на другата страна ќе завршат во Кина. Но, во реалноста ако ископате тунел од повеќе места во Европа или во Соединетите Американски Држави, ќе завршите во океан. Единствени места од каде преку дупка по права линија низ центарот на Земјата ќе завршите во Кина, се делови од Аргентина и Чиле“, стои во објаснувањето на интернет страницата.