МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ПОТПИШАА ДОГОВОР ЗА КРАЈ НА СПОРОТ ЗА ИМЕТО, НАСИЛНИ ПРОТЕСТИ ВО ДВЕТЕ ДРЖАВИ

Нивици, (СМАРТ СДК.МК)

Македонија и Грција го направија првиот голем чекор кон решавање на спорот што ги оптоваруваше односите помеѓу двете земји во последните 27 години. Во селото Псарадес (Нивици), што се наоѓа на грчката страна од Преспанското Езеро, тие потпишаа договор со кој треба да се стави крај на спорот за името, кој предвидува името на државата да биде Република Северна Македонија, додека, истовремено, се зачувуваат термините македонски јазик и македонски народ.

  • Полно име на договорот е Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство помеѓу страните.
  • Во присуство на премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас, договорот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.
  • Специјални гости на чинот на потпишувањето беа долгогодишниот посредник во преговорите Метју Нимиц, комесарот за европроширување Јоханес Хан и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
  • „Ова е заемно корисен договор, кој целосно ги почитува вредностите и принципите на народите и значи нова ера на стабилност, просперитет и безбедност“, рече грчкиот премиер Ципрас.
  • „Ставаме крај на повеќегодишните разлики околу прашањето за името, кое беше отворено три децении. Горди сме на овој наш договор, затоа што се обединивме околу решение на еден спор што нè делеше. Нашите граѓани заслужуваат мир, демократија, владеење на правото и економски просперитет“, изјави Заев, кој по потпишувањето на договорот му ја подари својата вратоврска на Ципрас.
  • Договорот ќе стапи на сила откако ќе биде ратификуван во парламентите на двете земји, на што во Македонија ќе претходат референдум и уставни промени.
  • Придобивки од договорот за Македонија се добивање датум за почеток на преговори за влез во ЕУ и покана за членство во НАТО.
  • Потпишувањето на договорот беше проследено со протести во близина на Нивици и во Битола,
  • Во вечерните часови во центарот на Скопје при насилни демонстрации беа  повредени десетина полицајци и демонстранти и беа приведени 25 лица.