Жителите на Солун можат да го рециклираат пластичниот отпад во 3-Д печатен мебел за градот, со помош на нова лабораториска опрема, донесена од студиото „Њу ро“ од Ротердам. Лабораторијата „Нула отпад“ е најновото претпријатие на иницијативата „Испечати го твојот град“.
Лабораторијата им нуди можност на локалните жители да го рециклираат отпадот, како и да изберат во што да биде пренаменет. Со помош на рака за 3-Д печатење, одбраните пластики се трансформираат во урбана опрема. Корисниците преку интернет-страница можат да ги одберат мебелот, бојата и јавниот простор каде би сакале да биде поставен. Меѓу опциите се понудени саксии, огради за паркирање велосипеди, сад за храна за кучиња и простор за оставање книги.
Откако ќе се избере дизајнот, страницата му кажува на корисникот колкаво количество рециклирана пластика ќе биде потребно за да се направи предметот.
„Пластиката има неуспех во дизајнот. Таа е направена да трае вечно, но често ја употребуваме само еднаш, а потоа ја фрламе. Со проектот ‘Испечати го твојот град’, ние настојуваме да покажеме подобар начин на користење пластика во форми кои долго ќе траат. Досега рециклиравме над 800 килограми пластичен отпад“, велат основачите на „Њу ро“, Панос Сакас и Фонтеини Сетаки.
Проектот почна во ноември, а ќе трае до мај.