20 ГОДИНИ И 350 ИЗВЕДБИ – ЈУБИЛЕЈ НА „УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ“ ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Театарот за деца и младинци, вечерва во 19.30 часот ќе се одржи свеченост во чест на 20 години активно играње на претставата „Убавицата и ѕверот“, во режија на Димитар Христов.

Од ТДМ велат дека „Убавицата“, која наскоро ќе се изведе по 350. пат, го држи рекордот на најиграна претстава во Македонија.

Во фоајето ќе биде поставена ретроспективна изложба за „Убавицата и ѕверот“, а ќе се одбележат и 20 години од вселувањето на ансамблот во актуелниот простор.

Од Театарот велат дека оваа претстава играше и на многу други сцени во Македонија, но и на престижни меѓународни фестивали во странство.

Има освоено награди за најдобри костими, изработени од Александар Ношпал, како и награда за најдобро актерско остварување за Тања Кочовска на големиот меѓународен фестивал за детски претстави во Суботица.

„А, претставата денес ја доживува најубавата награда од публиката – искрената смеа и силниот аплауз по секое нејзино завршување во овој наш мал, но значаен простор. Театарот за деца и младинци создава бајки за деца и приказни за младите луѓе. Во него живее светот што ја сака детската имагинација, имагинацијата воопшто. Тоа е светот што ја слави идејата за детски насмевки, палави приказни, необични ликови и за младинска жар“, велат од ТДМ.

Оттаму додаваат оти и други претстави доживеале долг век и некои од нив сè уште се играат: „Зрното грашок и принцезата“ и „Снежана и седумтте џуџиња“ се изведени по 237 пати, додека, пак, „Македонска приказна“ има најголем број на гостувања на меѓународните фестивали.

Меѓу јубилеите кои се слават овој месец се и 25-те години работа на актерите Изабела Новотни и Владимир Лазовски, кој е заменик министер за култура.