АВСТРАЛИЈА ПРВПАТ ИЗБРА АБОРИЏИН ЗА МИНИСТЕР И НА ПРОМОЦИЈАТА ДОЈДЕ СО КОЖА ОД КЕНГУР

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Кен Вајат пристигна во австралискиот парламент со наметка од кожа од кенгур, откако стана првиот Абориџин кој бил избран за министер. Тој ќе го води Министерството за домородни Австралијци, функција на којашто никогаш досега не бил домородец.

Шеесет и шестгодишниот конзервативец во 2010 стана првиот Абориџин кој бил избран во Претставничкиот дом и за својот прв говор како министер облече нешто што ретко се гледа во парламентот.

Вајат беше нагрнат со кожа од кенгур, украсена со пердуви од црниот папагал кокату, што претставува симбол на абориџинско лидерство.

„Неверојатно сум почестен што дојдов на оваа функција“, напиша Вајат на Твитер.

Досега во федералниот парламент на Австралија имаат влезено само десет пратеници со абориџинско потекло, од кои повеќето во изминатата деценија.