ПУБЛИКАТА МИ ГИ САКА ТАЖНИТЕ ЉУБОВНИ ПЕСНИ, ВЕЛИ КАРОЛИНА ГОЧЕВА ЗА НОВАТА БАЛАДА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За својата нова песна „Дај на сонце“ (Дај на сунце), која се промовираше сношти, Каролина Гочева вели дека кога ја слушнала, веднаш ја замислила во нејзина изведба. Новите сингл и спот се наменети за регионалниот пазар, а песната ја работеа познати музичари.

„Приказната е тажна љубовна, веднаш ја замислив во моја изведба, а и таквите песни најмногу ми ги сака публиката. Ја сработив со босанска екипа, автор на музиката и текстот е Дино Мухаремовиќ, а аранжманот е на Дино Шукало, со кого сум соработувала и на претходен албум. Спотот го изработи Миомир Милиќ, фотограф и режисер од Србија, чија естетика многу ми се допадна и веднаш го замислив за оваа песна“, ни изјави поп-ѕвездата.

„Снимавме пред еден месец во Галичник и Маврово. Секако, беше вклучен и мојот тим Јована Зука, Дадар и Октај Сејди, како и моите од ‘Авалон’, па имавме еден незаборавен и поприлично ладен ден, ама сите сме задоволни од резултатот“, додава Гочева за снимањето на спотот.

Авторот на песната Дино Мухаремовиќ е гитарист во бендот на Дино Мерлин и познат сараевски студиски музичар, аранжер и композитор. Песната е снимена во неговото студио „Модра ријека“ во Сараево во октомври.

Мухаремовиќ е автор на баладата на Масимо Савиќ, „Допри ме случајно“ (Додирни ме случајно).

М. ЏАРОВСКА