Во Ликовниот салон во Велес е промовирана новата книга на велешкиот сатиричар и афористичар Атанас Крлевски, насловена „Етноафоризми“. Ова е негова шеста книга, но нејзиното значење е особено, затоа што за првпат еден македонски автор си поигрува со народните поговорки и со афоризмите во едно ново дело, што авторот го нарече етноафоризми.
„Восхитен сум од продукцијата на Крлевски и последната книга е посебна за македонското творештво. Сите афоризми се накалемени на народни поговорки, изреки и изрази. Афоризмот е жилав жанр и доживува експанзија во Македонија“, кажа промоторот Иван Котев, афористичар од Струмица.
Крлевски минатата година прослави четири децении творештво и е добитник на општинската награда „9 Ноември“.
„Афоризмите во оваа книга се засноваат на пословици, изреки и народни поговорки. Секогаш има повод и мотив да се пишуваат. Тие го одразуваат животот, а во животот вечно има теми и дилеми“, рече Крлевски.
Ова се примери на неколку етноафоризми:
рани куче да те каса; времето е пари… кога би можеле да го орочиме; кој прашува денес – талка; дојдоа и моите пет минути, ама не знам колку ќе траат; имам современ комшија, не сака да ми црка кравата, туку сите компјутери во куќата.
Книгата е издание на „Академски печат“ од Скопје.
П. ПЕЧКОВ