И РАДЕ ШЕРБЕЏИЈА ДОАЃА ЗА ЈУБИЛЕЈОТ 25 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТА НА „ПРЕД ДОЖДОТ“ НА МАНЧЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пред 25 години, во Венеција се одржа премиерата на „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски и по тој повод, денеска се организираат два настана на кои ќе се одбележи јубилејот на најуспешниот игран филм во македонската кинематографија.

Во 12 часот, во МАНУ ќе има свеченост на која ќе говорат нејзиниот претседател Таки Фити и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, а видеообраќање ќе има проф. д-р Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ. Свои излагања за „Пред дождот“ ќе презентираат и дописниот член на МАНУ проф. д-р Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во филмскиот опус на Милчо Манчевски“ и проф. д-р Славица Србиновска, на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.

Во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажана 35-милиметарска копија од „Пред дождот“, која Манчевски неодамна ја депонираше во филмскиот архив на Кинотеката, а ќе биде промовирана и мапа со репродукции на плакати од светската дистрибуција на филмот.

„На оваа вечерна средба, се надеваме дека по четврт век повторно ќе се собере дел од екипата на ‘Пред дождот’, ќе разменат свои спомени и искуства од заедничкото учество во проектот кој прерасна во нешто поголемо од само ‘уште една филмска продукција’. Актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик Александар Кирков, го потврди своето присуство“, велат од Кинотеката, која ја организира прославата во соработка со МАНУ и Филмскиот центар „Вардар филм“.

Премиерата на „Пред дождот“ беше на 6 септември 1994 на Филмскиот фестивал во Венеција, а шест дена подоцна, Манчевски го доби Златниот лав. Потоа следеа уште триесетина награди на светската фестивалска мапа. „Пред дождот“ беше номиниран и за Оскар за најдобар странски филм.

Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги играат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски и Кирил Ристоски. Музиката е на групата „Анастасија“.