„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ НОМИНИРАН ЗА НАГРАДА КОЈА Е ПРЕДВЕСНИК НА ОСКАР

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов се приближува кон Оскарите, откако доби номинација за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit). „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец заедно со „Американска фабрика“, „Аполо 11“, „За Сама“ и „Островот на гладни духови“.

Оваа награда ја доделува Здружението на независните филмаџии на САД, номинациите ги селектира комитет од 50-на членови, а за наградите гласаат над 6.000 членови. Специфично е што се квалификуваат филмови кои се снимени за буџет не поголем од 22,5 милиони долари. Наградите ќе се доделат на 8 февруари во Санта Моника, Калифорнија – еден ден пред доделувањето на Оскарите.

Хорор приказната „Светилникот“ и крими трилерот на Адам Сендлер „Небрусен дијамант“ имаат најмногу номинации за Независен дух 2020, по пет, а по четири имаат „Дај ми слобода“ и „Медено момче“. „Небрусен дијамант“, „Скриен живот“ на Теренс Малик, „Милостивост“ на Чинонје Чукву, „Збогум“ на Лулу Ванг и „Брачни приказни“ на Ноа Баумбах се меѓу номинираните за најдобар филм. Изминативе неколку години токму добитниците на Независен дух за надобар филм освоиле и Оскар во оваа категорија, затоа и наградите се сметаат за главен предвесник на Оскарите.

„Медена земја“ е првиот документарец кој е македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм.

Единствениот македонски филм кој досега ја освоил наградата Независен дух е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, во 1995 за најдобар странски филм. „Пред дождот“ истата година беше и меѓу петте номинирани за Оскар.

„Медена земја “ има и номинација за најдобар документарец за Европските филмски награди што ќе се доделат во првата недела на декември. Со оглед дека во јуни победи на фестивалот Докавив во Тел Авив, се квалификува да биде номиниран за Оскар и во главната конкуренција за најдобар документарец, не само за најдобар странски филм. Со оглед на патеката за награди и номинации што досега ја минува во САД, шансите за номинација за Оскар се големи.

М. КОСТОВА