Двојниот оскаровец режисерот Алехандро Ињариту ќе добие трет Оскар од Американската филмска академија.
Академијата објави дека мексиканскиот режисер Ињариту ќе биде награден со почесен Оскар за краткиот филм во виртуелна реалност „Месо и песок“, за мигранти кои ја преминуваат границата меѓу САД и Мексико.
Ињариту доби Оскари за „Бирдмен“ во 2015 година и за „Повратник“ во 2016 година.
Наградата на Ињариту и на неговиот кинематографер Емануел Лубецки, кој доби Оскари за „Гравитација“, „Бирдмен“ и за „Повратник“, ќе им биде врачена на 9.Гувернерски награди на 11 ноември во Холивуд.
„Месо и песок“ е филм кој ја пренесува страшната судбина на мигрантите додека ја преминуваат пустината Соноран во САД.
„Мултимедијалната уметност и филмското искуство на Ињариту се длабоко емоционално и физичко вложување во светот на мигрантите, која ја преминуваат пустината на југозападната граница на САД во раните утра“, рече претседателот на Акадeмијата Џон Бејли.
„Со креативниот пробив во новите форми на виртуелната уметност, Ињариту визуелно нè поврзува со политичките и социјалните реалности на американско-мексиканската граница”, додаде тој.