Психолошкиот трилер „Секој знае“ со Пенелопе Круз и Хавиер Бардем од денеска игра во скопските кина Синеплекс и Милениум.
Осмиот филм на двојниот ирански оскаровец Асгар Фархади, целосно снимен на шпански јазик на Пиринејскиот Полуостров, е приказна за Лаура, која живее со сопругот и децата во Буенос Аирес. Кога се враќаат во родното село во Шпанија за семејна прослава, неочекуван настан го менува текот на нивниот живот. Филмот, во кој игра и аргентинската ѕвезда Рикардо Дарин, лани го отвори Канскиот филмски фестивал.
Во изминатата деценија, Фархади се етаблираше како еден од највлијателните светски режисери, како со своите напнати и вешто напишани сценарија, така и со виртуозноста на неговиот реализам во режијата.
„Разделба“ (2011) освои Златна мечка, Златен глобус, Цезар и Оскар, а „Продавач“ во 2016 исто така доби Оскар за најдобар странски филм.