„ЕПТЕН МАКЕДОНСКО“ Е ЗА МАКЕДОНЦИТЕ И ПРЕБИРЛИВИТЕ БРИТАНЦИ, ВЕЛИ СИМОН ТРПЧЕСКИ ЗА КОНЦЕРТОТ ВО ЛОНДОН

Лондон, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот со светска кариера Симон Трпчески синоќа го претстави проектот „Македонисимо“ во најпрестижната светска сала за камерна музика, „Вигмор хол“ во Лондон.

Трпчески за проектот „Ептен македонско“ вели дека го посветил не само на македонскиот народ, туку и на пребирливата британска публика.

Пијанистот додава оти проектот ја претставува музиката во нова димензија, низ обработката на композиторот Панде Шахов, кој 20 години живее во Велика Британија.

Полниот салон на лондонскиот „Вигмор хол“ со стоечки овации го поздрави проектот „Македонисимо“ (Фото: КултурОп)

На концертот со Трпчески настапија и Александар Краповски на виолина (работи во Операта во Барселона), Бугаринот Александар Сомов на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија), потоа на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов од Штип (живее и работи во Виена) и на перкусии Влатко Нушев од Оркестарот на Македонската опера и балет.

„Македонисимо“ претходно беше претставен во Лудвигсбург и Љубљана, а следуваат концертите во Полска, Франција, Бугарија, Холандија и повторно во Велика Британија.

Од „КултурОп“ додаваат оти Трпчески, кој од неодамна е ексклузивец на германскиот менаџмент КДС, веќе в петок настапува како солист на Хелсиншкиот филхармониски оркестар, во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Франц Лист.

Потоа следуваат рециталите во Шангај, Пекинг и Острава, но и враќањето со четири концерти на матичната сцена, на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско во март.