Наум Петрески заедно со „Синтезис“ ја отпеа „Ој девојче“, песната која групата оригинално ја има снимено со Тоше Проески. Фолк-пејачот беше еден од гостите на вчерашниот јубилеен концерт на етно составот во Филхармонијата, на кој прослави 30 години постоење.
„Едни и единствени, ‘Синтезис’. Ми беше чест“, рече Петрески, кој одлично и во негов стил ја испеа народната песна која многумина ја поврзуваат со Тоше.

„Синтезис“ за овие триесет години одржаа над 500 концерти низ светот во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали, презентирајќи ја македонската музичка култура и традиција. Нивната мисија и денес е да ја чуваат македонската традиционална музика, но да ја разиграат и со модерни елементи. Затоа во публиката имаше луѓе од сите генерации. Со Наум Петрески, „Синтезис“ има објавено албум со наслов „Синтезис и Наум“ во 2012.
Влатко Стефановски беше уште еден убав избор на гостин, со кој „Синтезис“ има соработувано и свирено повеќепати. Таа нивна поврзаност придонесе уште подобро да звучат заедно.

Гостуваше и оперскиот пејач Борис Трајанов во „Божја невеста“, единствената авторска вокална песна на „Синтезис“, за која текстот го напиша Владо Јаневски. И маестро Трајанов беше изненадување за публиката, како и Стефановски и Петрески, зашто ниеден од гостите не беше претходно најавен.

На бисот, изненадување беше и појавувањето на Мирјана Јошевска-Мими, која веќе не настапува со составот, а долги години беше дел од него. Сега, дел од женското пејачко трио се Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Сузана Јовчева.

Повеќето од уникатните костими со кои „Синтезис“ настапувале низ светот беа изложени во лобито на Филхармонијата. Концертот го организираше „Баги комуникации“.
М. ЏАРОВСКА