Српскиот поп пејач Марко Николиќ сношти со настап во живо во Скопје го промовираше својот нов албум „Дојди да те сакам“ со десет песни.
Николиќ, кој е од Ниш, а живее во Виена, со бендот и со придружните вокали ги испеа сите песни од албумот, а дел од нив, како „Волшебен ден“ (Чаробан ден), ѝ се познати на публиката. Пејачот е автор на повеќето од песните на албумот.
„Кога бев мал доаѓавме на Охридското Езеро, а на прославите во нашиот дом моите родители често пееја македонски песни, па така и јас ги научив. Не можам да не го споменам Тоше Проески, кој, според мене, беше и остана најдобриот пејач од овие простори“, кажа Николиќ на промоцијата.
Тој започнал да пее како дете во дует со неговата сестра Маја Николиќ, која е исто така пејачка. Завршил музичко училиште во Ниш, а во 1997 почнал да студира во Грац, каде што дипломирал на отсекот џез и соло пеење. Од 2002, живее во Виена со сопругата Ана Бучевиќ. На промоцијата меѓу гостите беше и кантавторот Дарио со семејството, а српскиот пејач му го честиташе 40-годишниот музички јубилеј.
М. ЏАРОВСКА