Симон Трпчески вели дека е среќен што во густиот распоред нашол простор да одржи прес-конференција пред двата концерта во Филхармонијата на 31 март и 1 април со проектот „Македонисимо“, овојпат со оркестарот „Ајга“. Концертите се македонска и балканска премиера на неговата оркестарска верзија, соопшти претходно промоторот „КултурОп“.
„Овие концерти се една надеж за нашиот народ да се самопочтува и самоспознае во ова денешно бурно време, а сосемо е нормално да се почитуваат својата историја, своите корени и своето потекло. Композициите на Панде Шахов му дадоа уште поголема разновидност на нашиот фолклор. Драго ми е што нашите музичари од оркестарот можат да ги почувствуваат нашите гордост, љубов и среќа што ги чувствуваме за нашето потекло кога го свириме овој проект надвор и што ќе свириме со нашата млада, прекрасна и талентирана диригентка Ана Спасовска. Ова зборува за нашиот талент кој го имаме тука и треба повеќе да го одржуваме за да не ни бега надвор“, рече Трпчески на пресот во Националната опера и балет.
Македонскиот пијанист со светски успеси рече дека му импонира интересот за „Македонисимо“ надвор. Веќе се договорени настапи во Кина, Нов Зеланд, Аргентина, а се чека да се прецизираат концертите во САД и Канада.
Композиторот Панде Шахов рече дека му е мило што диригенти од други држави изразиле интерес за овој проект.
Квинтетот на Трпчески е во состав Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, збогатен со камерниот оркестар „Ајга“. Специјални гости ќе бидат Владимир Крстев на виолина и Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.
М. ЏАРОВСКА