Шеснаесетгодишната балерина Стефанија Гаштарска во средата настапи во светски познатиот театар Бољшој во Москва.
Гаштарска ја играше принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица“, на балетската гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа (1818-1910), на којашто настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.
Настанот го следеше светската балетска елита, како директорите на најголемите театри и академии во Русија, директорот на светски познатата компанија за балетска опрема „Гришко“, Николај Гришко и поранешни првенци.
„Чувството да се игра на сцената на Бољшој е неописиво, само треба да се доживее. Бољшој е сон на секоја балерина, кој, реално, е многу тешко остварлив, ама, ете, јас ја имав таа среќа да заиграм на мои 16 години на таа сцена и во моментов го живеам мојот сон. Пресреќна сум, задоволна сум од тоа како изиграв и што ја оправдав укажаната доверба. Некако, сѐ уште сѐ ми изгледа нереално и не можам да верувам што ми се случува. Пресреќна сум што на овој мој многу значаен настап дојдоа мајка ми, професорката Дафина Данилоска-Кочевска и кореографката на едно дело со кое се претставив на натпревар во Перм, Билјана Пашариковска, без кои овој успех немаше да биде целосен”, ни рече младата и талентирана балерина.
Стефанија со балет се занимава од девет години, во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на Данилоска-Кочевска.
На 15 години замина да учи во државното училиште во Перм, Русија, кое е едно од најстарите балетски школи кои работат по Ваганова методот.
„Целта отсекогаш ѝ беа Москва и Бољшој. Мало девојче со големи соништа и амбиции, тоа е Стефанија. Моментално Стефанија го живее својот сон, но до таму дојде со многу работа. Иако има голем талент и ги поседува сите можни атрибути да биде голема балетска ѕвезда, за да се стигне до таму каде е сега, потребни се многу откажувања, посветеност, амбиција и поддршка“, ни рече нејзината мајка, балерината во Македонската опера и балет (МОБ), Марија Крстевска.
Околу Нова година, Стефанија во МОБ ја доби главната улога во балетот „Снежана и седумте џуџиња“, која ја подготвуваше со Данилоска-Кочевска и со Марија Јосифовска.
После оваа прва голема главна улога на домашна сцена, по враќањето во Москва, директорката на државната балетска академија Бољшој, Марина Леонова, побарала лично таа да работи со Стефанија за улогата на Аурора во претставата „Заспаната убавица“.
Стефи, вели Крстевска, го играше познатото розе адаџо, кое е едно од најпредизвикувачките и најтешки парчиња во балетската уметност.
На патот до Бољшој, Гаштарска ја донесоа повеќе награди и признанија на реномирани светски професионални натпревари во Италија. Во 2016 година беше финалист на натпреварот “Арабесљуа” , именуван по големата балетска уметница Екатерина Максимова, заштитен од УНЕСКО.
„Тоа е натпревар на којшто е престиж да се настапува. Се прави селекција и се одбираат само најдобрите кои се достојни да земат учество. За сериозноста и квалитетот на натпреварот зборува и тоа што претседател на жирито е врвниот Владимир Васиљев, народен артист на Русија, играч, кореограф и педагог, признат и познат во цел свет.
Големи чест и задоволство е едно вакво врвно балетско име да те гледа и оценува. Покрај него, во жирито се уште 12 стручњаци и врвни балетски имиња од Москва, Перм, Берлин, Санкт Петербург и Казахстан, како и стручно новинарско жири составено од седум члена.
Учествуваа играчи од 23 држави од светот, меѓу кои за првпат и Македонија, со единствениот претставник Стефанија. Таа беше во групата јуниор, за натпреварувачи од 13 до 17 години и Стефанија со своите 14 успеа да биде најмалиот финалист и да биде меѓу најдобрите осум.
Талентот на Стефанија беше забележан и врвно оценет на натпреварот и поради успехот што го постигна и начинот на кој се претстави, доби покана да се школува во Државното училиште во Перм, од кадешто излегле врвни балетски имиња. Потоа Стефи доби стипендија од Државната балетска академија Бољшој во Москва, кадешто моментално се школува, како единствената Македонка која е примена во ова престижно школо, и тоа во руски клас“, кажа нејзината мајка.
Стефанија веќе учествува во претстави кои се на редовниот репертоар на Болшој театарот и Кремљски дворец.
Од неодамна е избрана и за бренд амбасадор на „Гришко“, најпознатиот бренд за балетска опрема во светот.
„Нема поголема среќа од тоа да ја видиш ќерката на сцена на Бољшој. Бидејќи сум во истата професија, многу добро ги разбирам тежината и големината на настанот и сето тоа што ѝ се случува во моментов, а во исто време, знам што сѐ треба за да се стигне до таму. Да те забележат и препознаат како талент во таа средина е многу тешко. Стефи е ретко амбициозно и вредно дете со сите можни квалитети, визија и голема цел. Јас се обидувам да ѝ бидам голема поддршка и во целава оваа приказна сме заедно, меѓутоа успехот е исклучиво нејзин и го заслужува“, вели Крстевска.
Б. НЕСТОРОСКА