Турските актери, кои синоќа на Охридско лето ја изведоа претставата „Буре барут“ според текстот на македонскиот драматург Дејан Дуковски, денес го посетија манастирскиот комплекс Св.Наум Охридски. Претставата е во режија на Јилдирај Шахинлер, во продукција на актерите од Народниот театар Истанбул.
Со туристичкиот водич на Охридско лето го посетија манастирот и изворите на реката Црн Дрим.

Актерите, како што велат од дирекцијата на фестивалот, биле воодушевени од богата историја, но и од спојот на духовното, природното и културното богатство на едно свето место.
„Првпат сум овде. Навистина прекрасно место. Многу убавина, но се чувствува и многу позтиивна енергија. Воодушевена сум од Охридското Езеро, големо и убаво како море“, рече актерката Башак Гумулџинелиоглу .

Актерите беа воодушевени, запознавајќи се со легендарните приказни за моќта и чудата на големиот светител Свети Наум Чудотворец.
„Многу ни се допадна Охрид. Градот, историјата, културата, но и гостопримството на љубезните домаќини. Би сакале повторно да дојдеме тука“, рече режисерот Шахинлер.

Голем дел од уметниците на фестивалот Охридско лето, годинава за прв пат имаат можност да прошетаат со туристички водич низ Охрид и манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски.
„Целта е светски познатите музичари и актери да се запознаат со културата, историјата и традицијата на Охрид и со себе да понесат незаборавни спомени“, вели фестивалот.
Д. ЧУБРИЌ