ПЛАСИДО ДОМИНГО ДОБИ ПАРЧЕ ОД ПОДОТ НА МЕТ ЗА 50-ГОДИШНИНАТА ОД ДЕБИТО ВО ЊУЈОРШКАТА ОПЕРА

Њујорк, (АП)

Очите му се насолзија, а гласот му затрепери на славниот тенор Пласидо Доминго на сцената на Метрополитен во Њујорк, каде што се одржа свечена прослава за 50-годишнината од неговото деби во оваа оперска куќа.

„За нас оперските пејачи е исто како кога Френк Синатра пее ’Њујорк, Њујорк’. Ако си успеал тука, си успеал секаде“, кажа 77-годишниот шпански тенор.

Кариерата на Доминго во Мет почнала во септември 1968 година, кога го заменил Франко Корели во „Адријана Лекуврер“.

Насловната изведба на Доминго во „Џани Скики“ викендов беше негова 52. ролја во 695. појавување во Мет како солист и диригент. Тој го помина поголемиот дел од кариерата како тенор, а изминативе години настапува како баритон. Досега отпеал 150 ролји.

„Бидејќи целата кариера ја поседуваш сцената, ние посакавме да ти дадеме парче од неа. Ова го извадивме неделава“, му рече генералниот менаџер на Мет, Питер Гелб, на Доминго и му подаде парче од подот по завршувањето на изведбата.

Потоа му ја дал и кожната јакна од неговата изведба на „Отело“ во 1990 година, која била позлатена, за да се одбележи златниот јубилеј.

„Некои од вас беа тука на моето деби. Вие сте мои судии, вие ме правите уметник. Благодарение на вас, стигнав до овој јубилеј“, ѝ се обрати Доминго на публиката.