По Кристин Дејвис, и Сара Џесика Паркер и Ким Катрал ја поддржаа колешката од серијата „Сексот и градот“, Синтија Никсон, која пред десетина дена ја почна кампањата за гувернер на Њујорк.
„Мајка. Активистка. Адвокатка. Борец. Драга пријателка од Њујорк се кандидира за гувернер на нашата голема држава. Моја сестра на екранот и надвор од него. Ги имаш моите љубов, поддршка и глас“, напиша Паркер, која ја играше Кери Бредшо, на Инстаграм.
Неколку часа по објавувањето на кандидатурата, Кристин Дејвис кажа дека е многу горда на Никсон и дека никој повеќе од неа не се грижи за народот да добие промени и добро образование.
Катрал е последна од славната четворка која ја поддржа Никсон.
„Го поддржувам и го почитувам правото на секој поранешен колега да ги направи своите сопствени избори во кариерата“, напиша таа на Твитер.
Никсон, која ја играше Миранда Хобс во серијата на Ејч-Би-О што се прикажуваше од 1998 до 2004 година, ја најави својата кандидатура на Твитер, изразувајќи ја својата љубов кон Њујорк и кон прогресивната политика.
На внатрепартиските избори на демократите во септември, Никсон се кандидира против актуелниот гувернер Ендрју Куомо и поранешниот сенатор Тери В. Гипсон. Изборите за гувернер се во ноември.