ЕВРОПСКАТА ПРЕМИЕРА НА „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ ИСТОВРЕМЕНО НА ФАНТАСПОРТО ВО ПОРТУГАЛИЈА И НА ФЕСТ ВО БЕЛГРАД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

 

Европската фестивалска премиера на „Кајмак“ на Милчо Манчевски ќе биде на два реномирани фестивала во иста недела, на Фантаспорто во Порто, Португалија и на ФЕСТ во Белград, Србија.

На 2 март „Кајмак“ ќе има премиера како еден од деветте филмови во главната конкуренција на 43. издание на Фантаспорто. Во исто време, „Кајмак“ е во главната програма и на 51. издание на легендарниот ФЕСТ во Белград, еден од најважните филмски настани во регионов, каде по првата проекција на 3 март ќе има уште две на 4 и на 5 март.

„Во ‘Кајмак‘ постои порафиниран развој, покарактеристичен тематски избор и присуство на уникатен режисерски глас, кои го прават филмот покомплексен од едноставна комедија. Филмот исто така има храброст да биде смел“, вели италијанскиот „ОДГ магазин“, а американскиот онлајн магазин „Проџектор“ пишува:

„Непредвидливиот поглед врз кармичка правда треба да биде уникатно, трагикомично искуство за секој што ќе има среќа да го види“.

„Лани ‘Кајмак’ беше најгледан филм во Македонија и предизвика жива дебата со приказот на класните разлики во урбанистички згмеченото Скопје. Филмот се прикажа во кината на 30 градови во земјава, што беше настан без преседан во македонската киноприкажувачка дејност последнава деценија. Некои од тие кина првпат се отворија токму со ‘Кајмак’“, велат од продукцијата на филмот.

Досега Манчевски беше трипати лауреат на Фантаспорто: во 2020, „Врба“ ја освои наградата „Мануел де Оливеира“ за најдобар филм во програмата Недела на режисерите. По тој повод режисерот изјави: „Убава награда во убав град. Мило ми е што ‘Врба’ го наоѓа патот до срцето на гледачите во повеќе земји”. Во 2017, неговиот филм снимен во Њујорк, „Бикини Мун“, ја освои Специјалната награда на жирито во истата програма Недела на режисерите, а во 2016 Манчевски доби Награда за кариера, при што имаше и ретроспектива на неговите филмови во Порто.

„Мајки“, пак, во 2011 ја освои специјалната награда на жирито „Небојша Ѓукелиќ“ на ФЕСТ, а во 2020 „Врба“ беше прикажан во главната конкуренција, проследен со огромен интерес кај публиката. Со долготраен аплауз и стоечки овации заврши проекцијата на филмот на која тогаш присуствуваа и режисерот Манчевски и главните актери.

„Кајмак“, седмиот филм на Манчевски, е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Улрик Боел Бенцен, дизајнер на продукција Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, а композитори се Данскиот гудачки квартет. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент Иан Прајор. Копродуцент на филмот е Македонската радио-телевизија.

Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022. Веднаш потоа беше прикажан и на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван, а по гала премиерата во Македонската филхармонија, каде доби неколкуминутни стоечки овации, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува низ целата држава.

 

(Фото: Продукција „Кајмак“)