Фотографијата на мало девојче кое беспомошно плаче додека ја приведуваат нејзината мајка на американскo-мексиканската граница ја доби престижната награда на фондацијата Ворлд прес фото.
Жирито вели дека сликата, што искусниот фоторепортер на „Гети“ Џон Мур ја направил лани, откако Сандра Санчес од Хондурас и нејзината двегодишна ќерка Јанела нелегално ја преминале границата, покажува „поинаков вид на насилство, кое е психолошко“.
Фотографијата со расплаканото девојче го обиколи светот и предизивика јавно негодување за контроверзната политика на Вашингтон да ги раздвојува илјадниците мигранти од нивните деца. Царинските власти на САД подоцна изјавија дека Јанела и нејзината мајка не се меѓу тие кои биле раздвоени, но жирито вели дека „јавниот гнев придонесе претседателот Доналд Трамп да ја промени политиката“.
Мур, кој со децении ја покрива таа граница, на 12 јуни ги фотографирал вработените во граничната патрола, кога наишол на група луѓе кои се обидувале да ја поминат границата.
„Можев да го видам стравот на нивните лица, во нивните очи. Тој краток момент на раздвојување на мајката од ќерката можев и јас да го почувствувам“, изјави Мур набрзо откако беше објавена фотографијата.
На церемонијата на доделување награди за најдобри фотографии во Амстердам, 51-годишниот Мур рече:
„Сакав да раскажам поинаква приказна. За мене, тоа беше шанса да прикажам како човечноста најчесто е поврзана со статистика“.
Мур во февруари се сретнал со Сандра и Јанела во Вашингтон, каде што тие се во очекување на одлука на имиграцискиот суд.