НОВАТА РЕКЛАМА НА „МЕКДОНАЛДС“ СО ПЕСНА ОД КАТАЛОГОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ИЗДАВАЧ „ФИЛТЕР ЛАБЕЛ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Светски познатиот бренд за брза храна „Мекдоналдс“ искористи песна од каталогот на македонската издавачка куќа и компанија за лиценцирање на музика „Филтер лабел“, за реклама на нивните „маестро“ сендвичи.

Рекламата е наменета за телевизискиот пазар во Полска, а започна да се емитува денеска.

„The Dust settles down“ од рок-групата „The Lovely Intangibles“ е една од петте песни што „Филтер лабел“ ги предложил и била прифатена со образложение дека „совршено одговара на замислата на режисерот поради уметничкиот кул звук на бендот“.

Музика од каталогот на македонската компанија досега се има појавено и во реклами на „Најки“ и на „Филип Морис, како и во повеќе серии и филмови, како „Никита“, „Истрага на местото на злосторството: Лас Вегас“ и во документарецот за „Матрикс“.