ПО ТРИ ГОДИНИ ПАУЗА, ФЕСТИВАЛОТ НА АНТИЧКА ДРАМА СЕ ВРАТИ ВО СТОБИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Вечерва во Велес, по 17. пат почнува Фестивалот на античка драма „Стоби“. По три години пауза, фестивалот се враќа во автентичниот амбиент на археолошкиот локалитет Стоби, кадешто пред безмалку две децении започна.

Драган Миладиновски, член на организацискиот одбор на фестивалот, најави дека до 29 јули ќе се изведат пет претстави, три од Македонија и две од странство.

Тоа се „Лисистрата“ од Аристофан, во режија на Хакоб Газанчјан од Ерменија и во изведба на Велешкиот театар, „Јулије Цезар“ од Вилијам Шекспир на Народниот театар од Битола во режија на Златко Паковиќ, „Ардалион“ – античка мимодрама на Еревански државен театар на пантомимата од Ерменија, „Кралските копилиња“ на Сашо Димоски и Велешки театар и „Нерон и јас“ од Казахстан, во режија на Куандик Касимов.

Фестивалот ќе заврши со доделување на наградите, кога репризно ќе биде прикажана „Лисистрата“. За наградите ќе решава жирито во состав: Николај Круглов (претседател), Мето Јовановски и Ана Стојановска. Новина ќе бидат тркалезните маси насловени „Античка плоча“. Организатори на фестивалот се Општина Велес и центарот за култура ,,Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

П. ПЕЧКОВ