„Студена војна“, еден од најдобрите европски филмови за минатата година, од денеска е на репертоарот на скопските кина Синеплекс и Милениум.
Во режија на Павел Павликовски, црно-белата драма беше премиерно прикажана на ланскиот Кански фестивал и потоа доби три номинации за Оскар. Павликовски беше прогласен за најдобар режисер во Кан и на Европските филмски награди, каде што филмот оствари голем триумф и славеше во вкупно пет категории.
„Сместен во времето на Студената војна во Полска и Франција, филмот опишува невозможна љубов во невозможно време“, се вели во најавата на филмот.
Во главните улоги се Јоана Кулиг и Томаш Кот.
Во Синеплекс од денеска игра и „Шазам!“, најновиот хит од универзумот на „Ди-Си комикс“. Во центарот на приказната е 14-годишно момче, кое се претвора во возрасен суперхерој (Закари Ливи) со едноставното извикување на зборот „шазам“.