„Ганс ен роузис“ ја исфрлија песната „Еден во милион“ од новата верзија на албумот „Апетит за уништување“, што наскоро треба да излезе. Иако групата не ја коментираше својата одлука, таа во минатото беше критикувана поради песната, бидејќи содржи хомофобични и расистички стихови.
Песната оригинално се најде на миниалбумот „ГНР лаги“, објавен во 1988 година, една година по мегауспешното деби „Апетит за уништување“. Албумот се проби до второто место на американската топ-листа и се продаде во пет милиони примероци, но контроверзи останаа поради стиховите во коишто се напаѓаат имигранти, хомосексуалци, Иран, па дури и Грци.
„Не жалам што ја направивме ‘Еден во милион‘. Жалам за сè она низ што моравме да поминеме и за начинот на којшто луѓето ги перцепираа нашите лични чувства“, изјави своевремено гитаристот Слеш.
Појаснувајќи ги стиховите во 1988 година, пејачот Аксл Роуз кажа дека тие биле инспирирани од лажни афроамерикански уметници од Лос Анџелес, неговото лошо искуство со хомосексуалци и од фактот дека имигрантите кои доаѓаат во Америка постојано се жалат.