„Металика“ се враќа во Европа во мај наредната година.
Хеви метал гигантите ја објавија програмата од најавената стадионска турнеја во Европа и таа ќе опфати 25 градови во 20 држави. Романија е единствената држава на Балканот што Џејмс Хетфилд и друштвото ќе ја посетат овојпат.
Првата станица на тримесечната турнеја ќе биде Лисабон на 1 мај, а ќе финишира во германскиот град Манхајм на 25 август. Во меѓувреме, меѓу другите, ќе можат да се видат во Барселона, Милано, Париз, Келн, Брисел, Лондон, Берлин, Виена и Минхен.
Специјални гости на турнејата ќе биде шведскиот бенд „Гоуст“.
„Металика“ е на турнеја веќе две години, што минатата година донесе приход од 152,8 милиони долари. Тие веќе свиреа во Европа, но само во затворено.