РУСКИОТ ПИЈАНИСТ ХАРИТОНОВ СОЛИСТ СО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младиот руски виртуоз на пијано Даниел Харитонов е вечерашен солист на концертот на Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот.

Концертот е дел од циклусот „Лауреати“, а ќе диригира Даниел Рајскин од Русија.

Харитонов е роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, а се прослави на 16 години, како еден од најсјајните таленти на 15. меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година.

„Тогаш, како најмлад учесник, доби трета награда. Но, публиката беше воодушевена од неговиот настап и тој го понесе епитетот чудо од дете, а беше наречен и виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација. Оттогаш, неговата кариера рапидно расте, настапувајќи со престижни оркестри и врвни диригенти“, велат од Филхармонијата.

Харитонов вечерва ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист.

На програмата се и увертирата „Карневал“ од Антонин Дворжак и Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.