Стариот офицерски дом во Штип, кој датира од 1924 година, доживеа повеќе реновирања и преадаптации. Првично Дом на воени лица пред Првата и по Втората светска војна, објектот претрпе измени во своите функционалност и намена, па како летна бавча најмногу беше користен како Дом наменет за младите и нивните активности.
„Стариот офицерски дом, кој беше многу популарен во 70-те и 80-те години од минатиот век, со одлука на локалната власт во 1980 година прерасна во Дом за млади. Речиси половина век, сѐ до денес, Домот успеа да го задржи својот имиџ и да има богата активност, анимирајќи ги младите со разни културно-уметнички настани, со настапи на голем број театарски, ликовни и музички имиња од земјата и странство“, вели Бошко Симоновски, еден од најискусните вработени, долгогодишен програмски координатор и поранешен директор на Домот.
Раководителите велат дека во последните три години, Домот претрпел комплетни реновирања. Првин се извршила целосна обнова на ентериерот, заедно со салите, а се реновирала и фасадата, па објектот доби сосема нов лик.
Деновиве заврши првата фаза од уредувањето на летната бавча, па по ланската набавка на големиот чадор за отворената сцена, сега е во тек адаптацијата и на дворното место.
Од Домот најавуваат богата пролетна и летна програма, наменета за младите.
Т. ЈОВАНОВСКИ