Кусиот експериментален филм на Милчо Манчевски „Крајот на времето“ освои награда на меѓународниот фестивал во Јихлава, Чешка, каде што играше во програмата „Фасцинации: вселени“.
Жирито во образложението за наградата вели дека „во рамките на неколку минути филмот прикажува момент од секојдневната стварност кој трае само неколку секунди и со тоа отвора прозорец кон мнозина скриени детали што го слават животот“
„Жирито го цени директниот пристап на режисерот и неговата способност да изгради тензија во навидум безвременската атмосфера на улица во Куба. Микроприказните откриени низ разнослојно успорено движење на сликите претставуваат мали чудесии, кои ѝ избегнуваат на нашата перцепција во стандардното течение на времето“, вели жирито.
Канадскиот режисер на експериментални филмови и критичар Мајк Хулбум, во рецензијата на филмовите од фестивалот го опишува како „студија на секојдневниот живот и на скришното избавување кое чека скришно, додека никој не гледа. Прослава на заедништвото и проток на истото попладне кој тече низ секое од нашите тела“.
„Крајот на времето“ е кубанско-американска копродукција по сценарио и режија на Милчо Манчевски, експеримент кој тој го сними во Куба лани, додека предаваше на кубанската државна филмска академија.
Филмот е веќе прикажан на дваесетина фестивали, и освои награда во Аспен, Колорадо. Откупен е за светска дистрибуција, а од идниот месец се прикажува во Јапонија.