Вратата од собата во легендарниот хотел „Челзи“ во Њујорк, кадешто спиел американскиот музичар и нобеловец Боб Дилан, се продаде на аукција за 100.000 долари.
Таа беше една од 50-те врати од хотелот кои беа понудени на аукцијата во „Гирнис“ во Њујорк. Хотелот е изграден во 1880-ите години и важи за омилено место за престој на генерации пејачи, уметници и писатели.
Вратата од собата која ја користеле Џенис Џоплин и Леонард Коен за време на нивната врска достигна 85.000 долари.
Џек Керуак ја напишал својата култна книга „На пат“ за време на престојот во „Челзи“. Вратата од неговата соба се продала за 30.000 долари.
Вратата од собата на Џими Хендрикс достигна цена од 13.000 долари, а, пак, вратата во просторијата што ја користеле Мадона, Изабела Роселини и Ширли Кларк се продала за 13.000 долари.
Вратите биле спасени од поранешниот сопственик Џим Георгиу, кој ги видел расфрлани низ хотелот пред стартот на реновирањето.
„За мене, тие се историја и ми се приврзани за срце. Тие се скапоцени, затоа што низ нив поминаа толку многу луѓе“, изјави тој за „Њујорк тајмс”.
Зградата била назначена за градска знаменитост во 1966 година и продадена во 2016 година на група инвеститори.