Изминатите две и пол години, Скопје Зоо доби нов лик, нови животни и многу новитети, вели тимот на Зоолошката градина во својот отчет за сработеното досега. Од таму велат дека Зоолошката стана најпосетената институција во државата во 2019 и 2020, а тоа е поради новите животни и содржини за посетителите.
„На прагот сме да бидеме членка на Европска Асоцијација на акваируми и зоолошки. Се изградија нови асфалтирани патеки и се поставија патокази и информативни таблички пред секое живеалиште. Поставени се нови тоалети на две локации. Зоо Скопје стана првата дигитализирана зоолошка на Балканот со зоо апликација, смарт клупи и онлајн продажба на билети. Доизградени се живеалиштата за слонови и шимпанза, изградени се нови живеалишта за фламинга и пингвини“, велат од Зоолошката градина.
И покрај пандемијата на ковид-19 направена е Бејби Зоо, новото омилено место на најмалите и Дино парк со најголем број на диносауруси на Балканот, вкупно 41 диносаурус во природна големина, кои се движат и испуштаат звуци.
„Имаме нови жители на Скопје Зоо, голем дел за првпат во нашата градина- Пингвини, фламинга, слонови, шимпанза, алпаки, двогрби камили, белоносести коати, ему птици, бели лавови, бели волци, африкански желки, верверички, папагали. Организираме едукативни програми и зоо негуватели, изведени се нови детски игралишта и голема игротека на отворено за родендени. Низ Зоолошката се поставени табли со кодекс за однесување, како и кампања за заштита на животните“, вели тимот на скопската Зоолошка градина.